You are currently viewing Велосипедска „Downhill трка“ на Пелистер

Велосипедска „Downhill трка“ на Пелистер

Од 1 до 3 јуни 2018 год на Пелистер се одржа шестата по ред велосипедска „Downhill трка“ организирана од велосипедскиот клуб „Extreme Bike Team Bitola“, со поддршка на Подружница „Молика“ – „ЕЛЕМ ТУРС“ ДООЕЛ Скопје.

Трасата на патеката беше во должина од 2,1 км и висинска разлика од 425м, на потегот -од Копанки до Детското одморалиште. Целиот натпревар беше спроведен според правилата на UCI (Union cycliste International).

Оваа традиција, годинава прерасна во втора по ред трка од Балканското првенство во „Downhill дисциплината“, а првпат годинава се одржува во 6 земји: Романија, Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција и Кипар.

Овојпат на трката зедоа учество рекордни 57 натпреварувачи од 8 земји: Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Романија, Грција и Австралија. Учесниците се натпреваруваа во 4 категории и тоа „Мажи и Жени хоби“, „Мажи Јуниори“, „Мажи Мастерс“ и „Мажи Елит“.

Во класата „Хоби“ доминираа македонските возачи и првите две места ги освоија Стефан Додиќ и Даниел Давчев, додека третото место му припадна на Лазар Калуџеровиќ од Црна Гора.

Во класата „Јуниори“ првите три места ги освоија возачите од Бугарија: Јордан Анчев , Румен Белезирев и Иван Кобуров. Во оваа категорија најдобро пласирани возачи од Македонија беа: Лука Ѓорѓевиќ и Кристијан Угриновски освојувајќи 5то и 6то место.

Во најжестоката класа – „Мажи Елит“, првите три места ги поделија Бугарите: Стивиан Гатев, Росен Ковачев и Јоан Нејчев.

Нашите најдобри возачи освоија одличен пласман и тоа: Александар Николовски – 7мо место и Јовче Даскаловски – 8мо место, Александар Фидановски – 13то место, Оливер Цветкоски – 14то, Јовановски Стефан – 16то, Цветановски Мартин – 18то, Здравески Ивица – 20то, Кулевски Христијан – 21во и Демировски Артан – 22ро место – сите членови на велосипедскиот клуб „Extreme Bike Team Bitola“.

По одличниот пласман и беспрекорната организација од „Extreme Bike Team Bitola“ најавуваат дека ќе продолжи традицијата на оджување на трката на уште поголемо ниво на натпреварување како што е класификација на трката во UCI (Union cycliste International)

Голема благодарност до сите оние кои што ни излегоа во пресрет при организирањето на овој спектакл во Македонија.