You are currently viewing Патека по камењарот

Патека по камењарот

Патеката по камењарот е едукативно показна стаза, која што ги води посетителите на Националниот парк Пелистер низ еден мошне атрактивен простор исполнет со разновидни природни убавини.

По должината на патеката се среќаваат пространи шуми од молика, ретка и ендемична флора и разни видови релјефни облици коишто се формирани низ долготрајни и сложени природни процеси, како и фосилни остатоци од поранешната глечерска состојба на Пелистер. Најголемиот дел од патеката минува низ изразит високо планински предел од каде што се пружаат широки погледи кон околните терени. Од природните убавини по должината на патеката особено внимание предизвикува каменитиот предел којшто се протега од врвот Пелистер во правец на врвот Стив. Оваа маркантна релјефна форма се состои од огромен број на камени блокови со различен облик и големина хаотично растурени и испревртени по целата должина на овој доминантен планински гребен на Пелистер. Нивното создавање е врзано за времето кога во високите планински делови на масивот Баба владеела снежна клима, низ процесот на мразно раздробување на стеновитата подлога.

kamenjar-pelister 2

kamenjar-pelister 3

kamenjar-pelister 4
Патеката по камењарот започнува од хотелот Молика a завршува кај Големото Езеро, така што, целата должина на стазата изнесува околу 14 км.
Првата делница од патеката којашто води према планинарскиот дом Копанки (1636 м) е стрмна и потешка за совладување, за потоа да продолжи низ рамен терен се до изворниот дел на Магарешка Река. Оттука патеката повторно води низ пострмни предели се до месноста Горна Ливада, којашто претставува мала зарамнета тревеста површина опкружена со шума од молика. Одовде патеката постепено се искачува према врвот Пелистер (2601 м) минувајќи низ каменестите предели на возвишенијата Стив (2468 м) и Илинден (2540 м). Од врвот Пелистер патеката се протега низ тревни површини коишто претставуваат високопланински пасишта, при што, минувајќи покрај Малото Езеро завршува кај Големото Езеро на Пелистер, на надморска височина 2225 м, што претставува крајна точка на патеката.

kamenjar-pelister 14

kamenjar-pelister 18

kamenjar-pelister 24
Патеката по камењарот означена е со патокази, има поставено информативни табли, изграден е еден видиковец и една настрешница а по неа ќе ве води водичката служба на Националниот Парк Пелистер.
Ви пожелуваме пријатни доживувања низ пределите на Националниот Парк Пелистер.