Детска патека
Здраво! Јас сум Мечо, најдобриот водич низ планината Баба.
Ќе ви помогнам подобро да ги запознаете убавините и богатствата на Пелистер
![]() |
Ова е мајка ми - КАФЕАВАТА МЕЧКА. Таа е заштитен знак на Пелистер. Ако јадам доволно шумски билки и овошје ќе пораснам колку неа - 2 метри во должина и 300 kg во тежина. Ние ги сакаме ваквите мирни планини низ кои обично се шетаме ноќе. Сакаме да трчаме, да се качуваме по дрвата, а можеме и да скокаме. Во зима спијам заедно со моите родители. Се будам во пролет кога уживам во убавините на планината, заедно со моите пријатели. Ќе ве запознаам и со нив. |
![]() |
Рисот е најубавата голема мачка. Обично сака да шета сам по густите шуми каде лови глодачи и ситни чепункари. Долг е 80 -130 cm. Висок е околу 65 cm, a тежок 12-35 kg. Има убаво меко крзно, па сигурно затоа порано многу го ловеле. Сега е трајно заштитен и е забранет за лов. |
![]() |
Пелистерските ливади се приказна за себе. Преполни се со цветови, шумски плодови и насекаде мирис кој знае да опијани. Од цветовите за мене најубави се пелистерската небесна роса, пази - куќата и пелистерската качунка. Можеби затоа што ги има само тука, на нашата планина. |
![]() |
Ливадите се поубави кога над нив ќе се разлетаат ПЕПЕРУТКИТЕ кои знаат и да ве погалат со крилцата. Можете слободно да ја пратите играта на малите дневни пеперутки Scythris crupta и Scythris similis кои живеат само на Пелистер. Тука ќе ја сретните и ноќната пеперутка Hadena clara macedonica која ја има само во Македонија. |
![]() |
А ви кажав ли дека на Пелистер има и 130 видови на птици? Ова е безбедно место за живеење за еребицата камењарка, белогушестиот и скалестиот дрозд, кои можат да се видат над локалитетот Вртешка и Црвени Стени. Над моликовите шуми можете да го следите летот на златниот орел, а ако одите до Големото и Малото Езеро ќе ја најдете и црвеноклуната галка која се гнезди во нивна близина. Ја има само овде, па затоа не заборавајте го вашиот фотоапарат. |
![]() |
А знаете ли кој е најзаслужен за статусот Национален парк на Пелистер? МОЛИКАТА - петтоигличестиот бор кој го откри австрискиот ботаничар August Grizebah во 1839 година. Неа ја има и на други места на Балканот, ама тука формира најпространа шума. Шетајќи низ шумите можете да наидете и на стебла кои се стари повеќе од 230 години. |
![]() |
Домаќин на пелистерските шуми и ливади е СРНАТА. Како во приказните - таа е нежна, грациозна, со прекрасни големи очи. Доста е плашлива и брза, па ако забележи дека има некој во нејзина близина веднаш ќе избега. Може да порасне до 1,30 m во должина, а тешка е од 20 - 25 kg. Бојата на крзното и се менува, зависно од годишното време. Срната е грижлива мајка. Кога ќе насети опасност го опоменува своето малечко со тропање на нозете или со тивок пискав глас. |
![]() |
Во високите делови на Пелистер се среќава балканската ДИВОКОЗА. Едно многу друштвено животно кое живее во стадо. Дење се движи, а ноќе мирува. Вешто се качува по карпите, скока, брзо трча и по најстрмните делови на планината. Може да порасне до 1,10 m во должина. Роговите и се долги околу 25 cm. вo лето ги пасе најубавите, најсочните тревки, а во зима храна и е сувата трева која ѕирка низ снегот, мовот и лишаите. |
![]() |
Националниот парк „ Пелистер" има извонредно богата флора. Или ако сакате да зборувам со бројки, тука има регистрирано 1034 видови растенија, 61 лишај 19 видови мовови и 264 видови на габи од кои 10 се заштитени на европско ниво. Посебно интересни се моликовите заедници во кои се регистрирани ретки видови на микоризни габи. Најпознати меѓу нив се: Suillus sibiricus, Chroogom-mpnus helvetikus, Boletus pinocola и други. |
Мали авантуристи! Детската патека е вистинска можност за запознавање на природата преку забава и рекреација.
Пелистер е вистинско место, да стекнете култура на здраво живеење. Бидете дел од природата.











